Во јавноста станаа достапни првите оцени во рамките на Бордот на Меѓународниот монетарен фонд, за тоа како во Македонија беа потрошени 221 милиони евра од кредитната линија за претпазливост, која во 2011 година ја одобри за земјава оваа финансиска институција. Главните забелешки што ги изнеле некои од директорите на ММФ се дека земјава ги повлекла средствата како одговор на домашни потреби, а не на надворешни шокови како што предвидуваше аранжманот. Станува збор за вторите постпрограмски разговори со земјава, кои се однесуваат на користењето на тој аранжман, кои се достапни на интернет-страницата на ММФ. Повеќето директори се согласија дека ПЛЛ беше вистинскиот инструмент за Македонија во време на неговото одобрување, преку обезбедување ефективно осигурување од надворешни шокови. Сепак, некои директори забележаа дека фискалната институциска слабост стана очигледна по одобрувањето на аранжманот и дека повлекувањето беше искористено како одговор на домашните, а не надворешните шокови..., се вели во извештајот.
Во јавноста станаа достапни првите оцени во рамките на Бордот на Меѓународниот монетарен фонд, за тоа како во Македонија беа потрошени 221 милиони евра од кредитната линија за претпазливост, која во 2011 година ја одобри за земјава оваа финансиска институција.
Главните забелешки што ги изнеле некои од директорите на ММФ се дека земјава ги повлекла средствата како одговор на домашни потреби, а не на надворешни шокови како што предвидуваше аранжманот. Станува збор за вторите постпрограмски разговори со земјава, кои се однесуваат на користењето на тој аранжман, кои се достапни на интернет-страницата на ММФ.
„Повеќето директори се согласија дека ПЛЛ беше вистинскиот инструмент за Македонија во време на неговото одобрување, преку обезбедување ефективно осигурување од надворешни шокови. Сепак, некои директори забележаа дека фискалната институциска слабост стана очигледна по одобрувањето на аранжманот и дека повлекувањето беше искористено како одговор на домашните, а не надворешните шокови...“, се вели во извештајот. Во Фондот сметаат дека ПЛЛ-линијата помогнала да се намалат трошоците за земјава кога растот се покажал многу понизок од очекувањата. „Сепак, повлекувањето ја нагласи слабоста во практиката на управување со долгови, а заостанатите долгови се насобраа по првиот преглед на ПЛЛ, кога аранжманот веќе не беше активен. Оттогаш властите преземаат чекори за решавање на овие прашања“, велат од ММФ.
Бордот се осврнува и на економските показатели и политики на земјава. Генерално, тие се задоволни од економскиот раст, но имаат забелешки околу управувањето со јавните финансии и долгот.
„Економскиот раст на Македонија продолжува да се засилува, а инфлацијата забавува. Во наредниот период ќе биде важно да се решат надворешните и фискалните пропусти и постепено да се затегнат фискалната и монетарната политика, додека се поттикнува урамнотежен и одржлив раст. Директорите ја поздравија повторно воспоставената среднорочна фискална стратегија. Со оглед на важноста на јавната инфраструктура за растот, ја нагласија потребата да се осигура фискален простор за приоритетни капитални трошоци. Тие побараа натамошно подобрување на јавните финансии и управување со долговите. Во тој поглед, тие ги охрабрија властите да следат широк концепт на јавниот долг, што опфаќа трошоци и на јавните претпријатија надвор од буџетот“, се вели во извештајот.
ММФ очекува јавниот долг да достигне 49 отсто од БДП во 2018 година, пред се' поради брзиот раст на долговите на јавните претпријатија. „Централниот долг на Владата останува умерен, на 34,3 отсто од БДП, но долгот на јавниот сектор прогресивно се раздвојува од централниот долг на Владата. Севкупно, се проектира дека јавниот долг ќе се зголеми од 41 на 49 отсто од БДП во периодот 2013-18 година“, велат монетарците.
Директорите се согласиле дека натамошно монетарно олеснување не е потребно. „Тие ги охрабрија властите да продолжат внимателно да ги следат притисоците врз платниот биланс и ја поздравија подготвеноста да се заостри монетарната политика, што е потребно за одржување на фиксниот девизен курс. Тие ја истакнаа важноста од одржување силна позиција на девизните резерви“, се вели во извештајот.